Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложбата „Континуитети“, со поднаслов „Секаде дома“, на која е претставен избор од Француската збирка на Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје. Изложени се 34 дела, четири од нив скулптури, на 30 уметници од Франција, Либан, Ерменија, Шпанија, Југолсавија, Данска, Шведска, Германија…
„Се одлучивме за Француската збирка оти е многу специфична. Претставуваме подолг континуитет на дела создавани во 20. век. Овој избор ја покажува доминацијата на Париз како светски центар, бидејќи ги собрал уметниците од целиот свет. Ни беше значајно да покажеме не само различни стилови на творење и различни пристапи од 1930-тите наваму, туку и да покажеме дека е важно да се создаваат средини кои се космополитски, отворени и негуваат интернационален дух“, кажа Владимир Јанчевски, кустос од МСУ, еден од кураторите на изложбата.
Делата кои се изложени се дел од збирката која содржи слики и склуптури од автори кои твореле во Париз, а беа донирани по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963.
П. ПЕЧКОВ