Во македонскиот Културно информативен центар (КИЦ) во Загреб беше отворена изложбата „Искуството на Влатко Стефановски“, (The Vlatko Stefanovski Experience) во чест на 50-те години кариера на легендарниот гитарист.
На изложбата е претставен избор на концертни фотографии од различни фази од кариерата на Влатко Стефановски од Ангел Ситновски, Стефан Рајхл, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ, фотографи кои со години го придружуваат на неговите настапи и турнеи во Македонија, Хрватска и пошироко.
Покрај фотографиите, изложбата вклучува и промотивни материјали поврзани со соработката на Стефановски со „Теохаров аудио“.
Автор на изложбата е Ненад Георгиевски, познат по долгогодишната работа како музички новинар.
„Влатко е уметник кој постојано докажува дека звукот може да биде и емотивен компас и културен идентитет“, вели Георгиевски.

Изложбата ја отвори директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска- Илиевска.
„Низ објективот на овие фотографи, се отвора единствена визуелна архива која ја следи солистичката кариера на Влатко Стефановски, од раните соло настапи, преку бројните музички соработки, па сè до денешните концерти кои продолжуваат да ја пленат публиката со својата виртуозност и изразена емоција“, рече Ѓоргоска- Илиевска.
Влатко Стефановски ги поздрави гостите преку видео.
На изложбата беа претставници на Заедницата на Македонците во Хрватска, претставници на дипломатскиот кор во Хрватска, гости од македонските и хрватските институции и организации во Загреб, и многу обожаватели на Стефановски.
Во јуни лани, истата изложбата беше поставена во Скопје, во Мала станица, во рамките на 10. издание на фестивалот на музички документарни филмови Скопје синема сити.
„Дома имам огромна архива од моите настапи во изминативе 50 години, ова е само пет проценти од сликите“, рече Стефановски во Скопје.
Фото: Македонски КИЦ, Загреб