ЈАПОНЕЦ 10 ГОДИНИ ОДБИВА ДА ЗАМИНЕ ОД ФУКУШИМА ЗАШТО СЕ ГРИЖИ ЗА НАПУШТЕНИТЕ МАЧКИ

Фукушима, (Ројтерс)

Пред една деценија, Сакае Като решил да остане во Фукушима за да ги спаси мачките што ги оставиле нивните сопственици, бегајќи од радијацијата што излегуваше од тамошната нуклеарна централа. Като и натаму одбива да замине.

„Сакам да останам сѐ до последната мачка. Потоа сакам да умрам“, вели Като од својот дом во контаминираната карантинска зона.

Тој досега погребал 23 мачки во својата градина и чува уште 41 во својот дом и во друга празна зграда на неговиот имот. Им остава храна во една барака што ја загрева на парафински шпорет, а бидејќи во градот нема вода, тој полни шишиња од планински извор во близина.

Като храни диви свињи што се собираат во близина на неговиот дом (Фото: Ројтерс)

Педесет и седумгодишниот Като вели дека решил да остане по евакуацијата на 160.000 жители на Фукушима откако во напуштените домови што помогнал да се урнат пронашол многу мртви домашни миленици. Мачките исто така му дале причина да остане на имотот што неговото семејство го поседува со генерации.

„Не сакав да заминам. Сакам да живеам во овие планини“, вели Като, кој се грижи и за едно куче.

Като месечно троши 7.000 долари за своите животни (Фото: Ројтерс)

В четврток се навршуваат десет години од катастрофалниот земјотрес, кој предизвика цунами и хаварија во нуклеарната централа, што сѐ заедно, ги натера жителите на Фукушима да ги напуштат своите домови. Тие наскоро би можеле да добијат дозвола за враќање.

Като проценува дека месечно троши 7.000 долари на своите животни, делумно и за кучешка храна, наменета за дивите свињи, кои се собираат во близина на неговиот дом.