Кога бил мал, на Дакхи Ли му кажувале дека не би требало да игра тенис.

Дваесет и едногодишниот Јужнокореец вчера испиша историја кога стана прв глув тенисер кој добил меч на АТП-турнир, победувајќи го Хенри Лаксонен со 7:6, 6:1 во првото коло на Винстон-Салем опен во Северна Каролина.

„Луѓето знаеја да ме исмеваат поради мојот хендикеп. Ми кажуваа дека не би требало да играм. Ми беше многу тешко, но имав голема помош од семејството и пријатели. Сакав на сите да им покажам дека можам. Мојата порака до луѓето со оштетен слух е да не се обесхрабруваат“, изјави Ли, кој се наоѓа на 212. место на АТП-листата.

Ли, кој на двегодишна возраст дознал дека е глув, не може да ги чуе одлуките на судиите, ниту резултатот, па мора да се потпира на своите вид и меморија и на рачни сигнали. Учен да чита од усни, тој исто така не го знае знаковниот јазик.

Тенисерите инсистираат на тишина кога играат, бидејќи слухот е исклучително важен во играта.

„Доколку би морал да играм со слушалки, би имал големи проблеми да ја оценам брзината на топчето, затоа што спинот мора да се процени во дел од секундата. Ова несомнено е огромен недостаток за Ли и за да биде способен да игра така, бара голем напор“, изјави поранешниот број еден Енди Мареј.