КАМИЛА ПАРКЕР БОУЛС – ОД НАЈОМРАЗЕНАТА ЖЕНА ВО БРИТАНИЈА ДО КРАЛИЦА

Лондон, (Ројтерс)

Чарлс Трети е новиот британски крал откако вчера почина Елизабета Втора, но Британците повторно ќе имаат и кралица. Неговата сопруга Камила Паркер Боулс ќе ја носи оваа титула со благослов на Елизабета, која во февруари изјави дека тоа е нејзина искрена желба.

Малкумина можеа да го замислат ова пред 25 години, по трагичната смрт на принцезата Дијана, кога медиумите ја прогласија Камила за најомразената жена во Британија, некоја која никогаш не би можела да се омажи за Чарлс, а камоли да стане кралица.

Чарлс и Дијана се разделија во 1992 и се разведоа четири години подоцна, а Дијана ја обвинуваше Камила за распадот на нејзиниот брак и ја нарекуваше Ротвајлер.

Чарлс и Камила сепак се венчаа во 2005 и таа во меѓувреме стана клучен член на кралското семејство, а нејзиниот смирувачки ефект врз идниот крал му помогна да се носи со улогата.

Камила Шенд е родена во 1947 во богато семејство. Со Чарлс се запознала во почетокот на 1970-ите и едно време биле двојка, но тој сметал дека му е рано за брак.

Место тоа, Камила се омажи за коњаничкиот офицер Ендрју Паркер Боулс, со кого доби две деца, но бракот заврши во 1995.

Во славното телевизиско интервју од 1994, Чарлс призна дека ја продолжил врската со Камила помалку од шест години откако се омажил за Дијана, тврдејќи дека бракот веќе му бил пред распад.

И додека јавноста и кралското семејство му се чудеа на Чарлс што ја избра Камила пред Дијана, блиските до него кажуваа дека таа му обезбедувала бегство од строгите кралски задолженија како никој друг.

Чарлс и Камила првпат се појавија заедно во јавност во 1999 и шест години подоцна се венчаа. Критиките од медиумите во меѓувреме пресушија, но таа никогаш целосно не ја освои јавноста. Една анкета од мај годинава покажа дека само 20% Британци сметаат дека треба да биде кралица, а и Вилијам и Хари наводно никогаш не ѝ простиле за нејзината улога во распадот на бракот на Чарлс и Дијана.

(Фото: Гети)