На новопоставената претстава во Tеатар Комедија, „Секс, лаги и главоболки“, која премиерно се изведе синоќа (22 мај) на Малата сцена, во режија на Александра Кардалевска, публиката уживаше во одлично одиграните улоги на четворицата актери: Тони Денковски, Сергеј Димовски, Жаклина Петровска и Елена Кузманов. Екипата доби долги стоечки овации и трипати ги враќаа на поклон.

Претставата нуди освежително модерен хумор за вечно присутните брачни дилеми и проблеми. Четворица актери во четири различни ситуациии со иста тематика, комплексни љубовни односи, неверства, интриги и комични бегства од одговорност за постапките.
Кардалевска постави досетливо и симпатично изрежирани сцени кои со комика и сарказам ги потенцираат и исмеваат човековите слабости и ниски страсти. Костимите на Онур Озџан се префинети и во одлична функција на карактерите на ликовите, а сценографијата, исто на Озџан, е минималистичка и симболична: лустерот над „просторијата“ кој е формиран од бела долна облека, алузија на чиста долна облека и одрекување од вина.
Претставата е работена според текстови од повеќе автори, а драматург е Благица Секулоска. Играат Жаклина Петровска, Елена Кузманов, Тони Денковски и Сергеј Димовски. Дизајнот на светло е на Душан Кардалевски, а музиката на Оливер Јосифовски, Давор Јордановски и Михајло Михајловски.
(Фото: Театар Комедија)