Со монодрамата „Кармен“, Драмскиот театар од Скопје денеска (17 март) ја отвора официјалната програма на Меѓународниот фестивал на монодрамата во Сеул, Јужна Кореја. Фестивалот се одржува од 17 до 26 март во организација на театарот „Самилро Чанго“ од Сеул.
„Овој театар е историски исклучително важен ‘мал театар’, кој се смета за центар на алтернативната и современа сцена во Јужна Кореја. Со меѓународниот фестивал посветен на монодрамата како специфична и исклучително предизвикувачка сценска форма, театарот успешно се позиционира на светската театарска мапа“, велат од Драмски.
На фестивалот, покрај македонската, ќе се изведат осум претстави од Јужна Кореја, Полска, Јапонија, Романија и Италија.
„Кармен“ е работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес, а премиерата беше во мај 2021. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајкоски.
Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата на Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија.