КЕЈТ МОС НАПОЛНИ 50 ГОДИНИ – ЈА ОТКРИЈА НА 14 ГОДИНИ, ПА СТАНА СПРОТИВНОСТ НА ГЛАМУРОТ НА 1990-ТИТЕ

Лондон, (Си-Ен-Ен)

Британскиот супермодел Кејт Мос денеска наполни 50 години, останувајќи културна икона каква што беше и кога се појави на сцената пред повеќе од три децении.

Родена во јужен Лондон, Мос била откриена од водечки моден агент кога имала само 14 години, а две години подоцна почна да се појавува во реклами и списанија, станувајќи една од омилените ѕвезди на „Вог“.

„Таа беше дрско дете од Кројдон. Не изгледаше како манекенка, но знаев дека ќе биде славна“, изјави во едно интервју фотографката Корин Деј, која прва ја сликаше Мос за насловната страница на „Вог“ во март 1993.

Кејт Мос во 1990-тите

Следеше метеорски подем кон славата. Мос стана лицето на озлогласениот моден тренд од 1990-тите „heroin chic“, кој беше спротивност на гламурозниот изглед популаризиран од Синди Крофорд, Наоми Кембел и Клаудија Шифер. Нејзините појавувања на музичкиот фестивал Гластонбери, каде што храбро комбинираше чизми за дожд со ултракратки тексас парчиња, поттикнаа тренд на „фестивалско облекување“ присутен и денес.

„Кејт има уникатна убавина која е целосно демократска и универзална привлечност“, изјави легендарниот фотограф Дејвид Бејли.

Мос стана лицето на озлогласениот моден тренд од 1990-тите „heroin chic“

Во исто време, приватниот живот на Мос ги полнеше таблоидите. Покрај врските со Џони Деп и музичарот Пит Доерти, британските медиуми наголемо пишуваа и за нејзините проблеми со дрога, поради што ги изгуби богатите договори со „Барбери“, „Шанел“ и „Ејч енд Ем“. Подоцна јавно се извини и замина на рехабилитација во приватна клиника во Аризона.

Мос во еден период беше најплатениот модел на светот, според „Форбс“, а откако официјално се повлече од пистите во 2004, формираше своја агенција за манекенки.

(Фото: АП)