ФИЛХАРМОНИЈАТА СЛАВИ 82 ГОДИНИ СО КОНЦЕРТОТ „ЗАРАТУСТРА“ И БРИТАНСКАТА ТРУБАЧКА МАТИЛДА ЛОЈД

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (26 ноември) од 20 часот Филхармонијата ќе го одржи роденденскиот концерт „Заратустра“, со кој ќе одбележи 82 години од своето формирање. Како солистка ќе настапи британската трубачка Матилда Лојд, a ќе диригира маестро Конрад ван Алфен.

На програмата се Концертот за труба и оркестар во С-дур од Александар Арутјуњан и познатата тонска поема „Така зборуваше Заратустра“, оп. 30, од Рихард Штраус.

Матилда Лојд е една од истакнатите трубачки на современата класична сцена. Годинава стана првата трубачка што ја добила наградата за млад уметник на Кралското филхармониско друштво во Велика Британија. Списанието „Би-би-си мјузик магазин“ ја опиша како „трубачка од исклучителен формат“.

Настапувала на престижни европски сцени, меѓу кои „Музикферајн“ во Виена, „Концертгебау“ во Амстердам и „Елбфилхармонија“ во Хамбург. Покрај концертната кариера, работи и како професорка по труба во Лондон.

Конрад ван Алфен e холандско-јужноафрикански диригент и уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во својата кариера соработувал со бројни оркестри и солисти низ Европа и светот.