Судот во Лос Анџелес му нареди на Кевин Спејси да им плати речиси 31 милион долари на авторите на серијата „Куќа од карти“ за загубите предизвикани од отказот што го добил во 2017 поради сексуално вознемирување на членови на екипата.

Задоволни сме со пресудата“, изјави Мајкл Кемп, адвокатот на „МРЦ“, еден од продуцентите на хит серијата на „Нетфликс“.

Спејси ги негираше обвинувањата преку своите адвокати и портпарол.

На судењето било утврдено дека Спејси ги прекршил барањата за професионално однесување со тоа што „се впуштал во одреден однос со неколкумина члена на екипата во секоја од петте сезони на ‘Куќа од карти‘ во кои што глумеше“.

Како резултат на тоа, „МРЦ“ морал да го отпушти Спејси и да ја прекине продукцијата на шестата сезона за да го измени сценариото со цел да се исфрли неговиот лик. Сезоната беше скратена од 13 на осум епизоди, со цел да се испочитуваат рокови, што резултирало со загуби од десетици милиони долари, стои во судските документи.

Успешната кариера на Спејси беше нагло прекината на крајот на 2017, кога се засилуваше движењето против сексуално вознемирување и се појавија бројни стари обвинувања против него.