ДИНА ЈАШАРИ МЕЃУ ФИНАЛИСТИТЕ ЗА РЕГИОНАЛНАТА МУЗИЧКА НАГРАДА „МИЛАН МЛАДЕНОВИЌ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Младата македонска кантавторка Дина Јашари се најде меѓу финалистите за годинашната награда „Милан Младеновиќ“, што се доделува во чест на легендарниот фронтмен на „Екатарина Велика“.

Јашари влезе во потесниот избор со песната „Дома“, покрај 11 други од поранешна Југославија. Жирито соопшти дека за наградата првично конкурирале 229 песни, од кои биле издвоени 45 полуфиналисти. Финалните 12 песни ќе бидат објавени на промотивна компилација.

Наградата е востановена во 2019 година, а се доделува на 21 септември, на денот кога е роден Милан Младеновиќ. Победникот добива статуетка и парична награда од 3.000 евра.

По неколку синглови, Дина Јашари лани го објави својот прв миниалбум насловен „Дома“, а годинава имаше настапи низ цела бивша Југославија. Таа е авторка и продуцентка на својата музика.