КИТ ФЛИНТ СЕ ОБЕСИЛ, УТВРДИ ИСТРАГАТА, „ПРОДИЏИ“ ГИ ОТКАЖА СИТЕ НАСТАПИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Фронтменот на „Продиџи“, Кит Флинт, извршил самоубиство со бесење, покажа истрагата.

Четириесет и деветгодишниот британски музичар беше пронајден мртов во својот дом во Есекс на 4 март и истрагата утврдила дека нема сомнителни околности.

Флинт беше еден од основачите на „Продиџи“, која изврши огромно влијание врз електронската музика и во првите години настапуваше само како танчар, а групата се здоби со поширока популарност токму благодарение на неговиот енергичен вокал.

Тој си го одзеде животот набргу откако групата се врати од турнејата во Австралија и беше планирано таа да продолжи наредниот месец во Колумбија, но сите закажани датуми во меѓувреме се откажани.

Флинт долги години имаше проблеми со алкохол, дрога и депресија и своевремено кажа дека сопругата Мајуми Каи го спасила од тој начин на живот. Тој и јапонската диџејка се разделиле пред неколку години.