Вечерва (16 октомври) од 20 часот, во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ премиерно ќе се изведе претставата „Мало невино убиство“ работена по текст на современиот француски автор Жан Пјер Мартинез, а во режија Деан Дамјановски. Тој ја најавува како црна комедија.
„Авторот пишува текстови кои се на работ на француска фарса и театар на апсурдот. Разработува секојдневни теми од специфичен агол, на начин пристапен за современата публика. Во претставата има убиство, од кое израснуваат многу, многу други ситуации кои создаваат слика на комичен и апсурден хаос“, кажа режисерот Дамјановски.
Авторот Мартинез не се работи првпат во Велешкиот театар, во време на ковид-пандемијата преку интернет беше работен неговиот театарски експеримент „Тој и таа“.
Во претставата играат Васил Зафичев, неговата сопруга ја толкува Кети Борисовска, а Талија Настова е семејна пријателка.
„Станува збор за исклучително интелигентна комедија, работена по француски терк. Изобилува со многу фарсични и апсурдни моменти“, рече Зафирчев.
Сценографијата и костимите се на Филип Коруновски, а изборот на музика е на режисерот Дамјановски.
П. ПЕЧКОВ