На 6 јуни од 20 часот, во Филхармонијата ќе гостува австралиското комичарско трио „Суши Манго“, кое во рамките на својата светска турнеја „Домашна светска турнеја 2026“ ќе настапи и пред македонската публика. По две рекордни турнеи низ Австралија, тројцата комичари ја започнаа турнејата низ Америка и Европа.
Триото „Суши Манго“, е составено од браќата Џо Саланитри и Карло Саланитри, заедно со нивниот долгогодишен пријател Ендрју Манфре.
„Во Скопје ќе ги донесеме омилените ликови Џони, Винс, Сем, Џузепина, Кармела и Ангела, кои со години освојуваат милионска публика на социјалните мрежи“, велат од триото.
„Она што започна пред девет години како хумористични етничко-семејни скечеви снимани во автомобили, денес е глобален комичарски феномен. ‘Суши Манго‘ од интернет сензација прерасна во препознатливи стендап артисти, кои настапуваат пред преполни сали ширум светот. Со повеќе од една милијарда прегледи на нивните видеа и над осум милиони следбеници, тие одамна ги надминаа границите на Австралија и станаа едни од најбараните комичари во живо“, велат организаторите.
Билетите се продаваат преку мрежата на Друга страна и Тикс.мк.