КЕВИН ПАРКЕР ОД „ТЕЈМ ИМПАЛА“ ВЕЌЕ НЕ ДАВА АВТОГРАМИ ПОРАДИ АГРЕСИВНИ КОЛЕКЦИОНЕРИ

Австралија, (Гардијан)

Кевин Паркер, фронтменот на австралискиот музички проект „Тејм Импала“ објави дека повеќе нема да дава автограми ниту да се фотографира со луѓе што го чекаат пред хотели и на аеродроми. Причината, вели тој, е сѐ поагресивното однесување на професионалните собирачи на автограми, кои потоа ги препродаваат потпишаните предмети.

Четириесетгодишниот австралиски музичар, кој моментално е на турнеја низ Америка, одлуката ја соопшти преку Инстаграм.

„Поради сѐ поголемиот број агресивни ловци на автограми, повеќе нема да потпишувам ништо ниту да се фотографирам пред хотели или на аеродроми. Ако ме сретнете, немојте да се навредите ако кажам не“, напиша Паркер.

Тој додаде дека особено му пречи тоа што некои од професионалните колекционери почнале да користат деца за полесно да дојдат до неговиот потпис.

Паркер засега ќе престане и со средбите со обожавателите по концертите. Тој кажа дека извесно време излегувал да ги поздрави фановите по настапите во Европа, но бројот на луѓе станал преголем, а неговиот тим нема доволно обезбедување за безбедно да ги организира ваквите средби.

„Тејм Импала“ е музички проект на Паркер, кој е автор, продуцент и изведувач на најголемиот дел од музиката.

Тој не е единствената музичка ѕвезда што се откажала од потпишување автограми. Слични одлуки во минатото донеле Ринго Стар и Били Ајлиш, главно поради препродавањето на потпишаните предмети и непријатното однесување на професионалните колекционери.