КУПИВ БИЛЕТИ ЗА СИТЕ ТРИ КОНЦЕРТИ НА ЗДРАВКО ВО СКОПЈЕ, ИАКО СУМ БИЛА НА ПРЕКУ 200 НЕГОВИ НАСТАПИ, ВЕЛИ НАЈГОЛЕМИОТ ФАН НА ЧОЛИЌ ЈОВАНКА ГРОЗДАНОСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Јованка Грозданоска од Скопје е еден од најголемите фанови на Здравко Чолиќ. За претстојните концерти на балканската поп-ѕвезда во Скопје на 2, 3 и 4 јуни во салата „Борис Трајковски“, таа има купено од најскапите билети во првиот ред, за сите три концерти.

„Добивам билети за сите концерти на Здравко, но овојпат сакав да бидам сигурна дека ќе бидам во првиот ред, зашто ќе пее со симфониски оркестар, а салата ќе биде прилагодена за седење. Затоа купив билети за три концерти, во средината на првиот ред“, ни рече Грозданоска.

Една од првите фотографии на Јованка Грозданоска со Здравко Чолиќ, во 1990-тите на Водно (Фото: Фејсбук)

Таа е одделенски наставник во ООУ „Браќа Миладиновци“  во селото Мршевци, и досега била на повеќе од 200 концерти на Чолиќ, речиси во сите држави во поранешна Југославија и во Австрија. Со текот на годините, и приватно станала пријателка со пејачот и со неговото семејство. По порака, со Чолиќ си го честитаат секој празник, слава и роденден. Вели дека тој ѝ бил голема поддршка кога била болна од ковид и се лекувала во Клиничкиот центар во 2020.

„Бев на кислородна поддршка на Клиниката за пластична хирургија пролетта во 2020, во најголемиот пик на пандемијата. Не знаеја многу луѓе дека сум таму. Една од моите пријателки која е во контакт со менаџерот на Здравко и со членовите на неговиот бенд им кажала дека сум во болница. Кога дознал, тој ми прати порака дека да бидам силна и да издржам. ‘Ќе го издржиш ти ова. Биди силна и побрзи оздрави. Кој ќе биде во првите редови на концертите и кој ќе слика?’, ми напиша Здравко тогаш. И ја покажав пораката на докторката и ѝ реков дека морам да оздравам“, ни рече Грозданоска.

Во 2019 во Белград, била на сите шест концерти на Чолиќ во Арената. Концертите се одржаа на крајот на декември, и само што се вратила од Белград во Скопје, Гроздановска почнала да се пакува за Будва, каде што Здравко Чолиќ пеел за Нова година. Но, кога доша на границата со Косово, видела дека си го заборавила пасошот.

„Имавме уплатено преку агенција и автобусот замина без мене. Случајно најдов еден познаник кој ме однесе дома од граница. Им реков на пријателките дека ќе стасам на време на концертот утредента, и да ме чекаат. Барајќи низ дома, пасошот го најдов во скенерот, сум го заборавила скенирајќи го за да испратам слика во агеннцијата. Беше 31 декември, не сакав да возам сама до Црна Гора, а немаше ни авионски ни автобуски превоз. Случајно најдов еден човек кој ме однесе со автомобил и тоа ме чинеше повеќе од целиот аранжман за Будва, но вредеше. Пријателките се зачудија кога видоа дека стасав“, вели Грозданоска.

На еден од концертите во Скопје во 2018, Чолиќ ѝ даде да запее на Грозданоска која е секогаш во првиот ред (Фото: Фејсбук)

За нејзината љубов кон Здравко Чолиќ и неговата музика знаат и учениците. На часовите, понекогаш знае да им пушти негова песна. Гроздановска е популарна кај учениците и често им смислува интерактивни игри низ кои учат, и вели дека има одлична соработка со родителите и со колегите и управата на училиштето. Музиката на Чолиќ почнала да ја слуша уште кога била во градинка. На првите концерти во Скопје, ја однела мајка ѝ, а потоа чичко ѝ на средината на 1970-тите.

„Се сеќавам дека за цело време на концертот му бев на рамења на чичко ми, за да можам да гледам, мислам дека бев најмала во публиката во СРЦ „Кале“. Конечно го запознав Чола кога имав 20 години, во Скопје. Дознав во кој хотел е сместен и кога заминав таму, тој беше во ресторанот на терасата. Потоа, за време на војната во Босна и Херцеговина, често претстојуваше во Скопје, а јас одев каде што беше сместен и муабетевме“, ни рече Грозданoска.

Вели дека ѝ е драго што ги запознала ќерките на Чолиќ, а во почест контакт е со постарата Уна. Никогаш не заборава да им ја честита семејната слава Св. Арангел Михаил, а кога Чолиќ е во Скопје го испраќа со подароци карактеристични за Македонија.

Јованка ги фотографира сите концерти на Здравко во Македонија, и е редовна на сите забавни настани. Многумина за неа мислат дека е новинарка. Вели дека Чолиќ има доверба во неа за сликите што ги објавува на социјалните мрежи. Ако некој од новинарите ѝ побара слики, таа прво внимателно бира кои ќе ги испрати. За да ја испочитува неговата приватност, семејните слики не ги објавува во јавност.

Сликата на автомобилот е изненадување за родеден од нејзината пријателка, водителката Ирена Спировска (Фото: Фејсбук)

Маската на телефонот ѝ е со слика од Здравко Чолиќ, има и маици и чадор специјално направени со неговата слика, а  слика од Чолиќ има и на автомобилот.

„Тоа беше изненадување за роденден од мојата пријателка, Ирена Спировска. Ме замоли да ѝ ја позајмам колата и ми ја врати со сликата од Здравко. Го добив најубавиот подарок од неа“, се сеќава Грозданоска.

М. ЏАРОВСКА