МАКЕДОНЕЦОТ ВЛАД ИЛИЌ ДОБИ НАГРАДА ЗА НАЈДОБАР СТЕНДАП КОМИЧАР ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот комичар Влад Илиќ ја доби наградата за најдобар стендап комичар во Велика Британија за 2025. Наградата се додели во клубот „Комеди стор“ во Лондон, а Илиќ победи во конкуренција на 700 комичари од Велика Британија.

„Многу сум среќен што сите овие години активно занимавање со стендап се крунисани со ваква награда. Таа е признание, но и потврда за влогот, енергијата, а најмногу за хуморот што го изведувам, кој е особен и веќе препознат. Она што ме издвојува од другите комичари е токму нашата култура, нашиот менталитет. Имаме некој уникатен начин на изразување, дали е тоа фонетиката, фразите кои ги користиме секојдневно, што ни овозможува да го погледнеме животот малку понесериозно, малку пообјективно од другите култури. Можеби секогаш ќе губиме од Англија во фудбал, ама за хумор нѐ бива“, рече Влад Илиќ по добивањето на наградата.

Тој 10 години се занимава со стендап и своите настапи ги изведува на англиски, македонски, италијански и српски јазик.

Илиќ е награден со 10.000 фунти (11.450 евра), за кои рече дека ќе ги даде во хуманитарни цели, за неговите братучеди.