Македонското студио за дизајн и продукција на друштвени игри (board games) „Фајнл фронтир гејмс“ (Final Frontier Games), неодамна постигна рекорд со својата последна игра „Робин Худ и Мери мен“, кога бројот на поддржувачи на платформата за групно финансирање Кикстартер стигна до 7.000. Притоа беше надмината потребната сума од 500.000 евра за реализацијата на проектот.
Тимот на студиото го сочинуваат Војкан Крстевски, Тони Тошевски, Ивана Крстевска и Маја Матовска како косопственици, издавачи и дизајнери, а зад артот стои Михајло Димитриевски, попознат како Тхе Мичо.
Студиото во 2014 година првично било отворено за дизајн и продукција на друштвени игри за деца и возрасни за македонскиот пазар. Првата игра која ја издале била „Пијопол“, забавна игра за возрасни, која постигнала голем успех.
Бидејќи македонскиот пазар е релативно мал за друштвени игри, како што велат дизајнерите, почнале да размислуваат за ширење на дејноста, со акцент на меѓународниот пазар.
„По долго истражување како да се пробиеме, а воедно и да не западнеме во големи инвестициски стапици и долгови, заклучивме дека решението на сите проблеми е во платформа за групно финансирање. За нашата дејност најпогодна платформа е Кикстартер. Но, и за да бидеш присутен и да успееш таму, треба да имаш солиден производ. Така започнавме да ја креираме првата игра за меѓународен пазар ‘Каверн Таверн’. Целиот процес, од идеја, преку приказна, арт, дизајн, па сѐ до конечно пласирање на Кикстартер, траеше речиси една година. Кога започна кампањата, ни во најлудите соништа не очекувавме дека ќе постигне толкав успех. Играта беше поддржана од речиси 2.000 поддржувачи и корисници на платформата“, велат дизајнерите за СМАРТ СДК.МК.
По завршувањето на кампањата за „Kаверн Таверн“, веднаш почнале да работат на втората игра, „Rise to Nobility“, која воедно е и продолжение на приказната на првата.
„Возбудата меѓу нашите купувачи и поддржувачи почна сѐ повеќе да се зголемува, а тоа за нас значеше поголем предизвик повторно да оствариме успех и да ги оправдаме нивните очекувања и довербата која ни ја дадоа првиот пат. Во втората кампања успеавме да го удвоиме успехот, играта ја поддржаа повеќе од 4.000 корисници. Овојпат, имавме малку повеќе искуство и ни беше потребно помалку време за реализација“, додаваат тие.
За процесот на формирање на играта откако ќе се соберат парите, креаторите велат дека кога ги почнуваат кампањите на Кикстартер, нивните игри се 90 отсто готов производ, а останатите 10 отсто се дошминкувања, кои се неизбежни пред печатење.
Никогаш не оставааат на случајности и откако ќе ги комплетират сите делови, следи печатењето во фабрика во Кина. Овој процес трае 3-4 месеци, по кој следува, како што велат, најтешкиот дел за нив – логистиката.
Во моментов, менаџираат со пет магацини и центри за испорака во Англија, Кина, Австралија и во Северна Америка, а во преговори се и за центар во Јужна Америка.
„Овој процес за нас е најстресен, бидејќи игрите треба безбедно да стигнат до секој купувач поединечно“, ни рече Ивана.
„Робин Худ и Мери мен“, како и претходните две игри, е наменета за меѓународен пазар и за Македонија. Иако игрите се на англиски јазик, сепак, се продаваат и кај нас, а можат да се најдат во специјализираната продавница „Гоблин – друштвени игри“.
За работата на последната игра „Робин Худ и Мери мен“, чија кампања заврши неодамна, Ивана вели дека за нив уште поголем успех претставува фактот што во оваа кампања виделе голем дел од поддржувачите на претходните две игри.
„И повторно издадовме игра со цврсти тематика и приказна. Овојпат, малку пореалистична и попозната за пошироката јавност. Веројатно нема човек кој не ја познава приказната за Робин Худ. Веруваме дека за секоја компанија најголемо достигнување се лојалните купувачи. Овој факт за нас значеше препознатливост, доверба и квалитет“, велат дизајнерите.
Б. НЕСТОРОСКА