Во Вевчани синоќа (21 јуни) беше отворена 14. Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања 2025“ на која до 1 јули ќе творат 22 уметници од Македонија, Србија, Словенија, Грција, Велика Британија, САД и Франција. Тие се воодушевени од природните и културните убавини, храната, традицијата и гостопримството на домаќините.
„Ова е вторпат да сум во Вевчани има работи што ме воодушевуваат тука. Првенствено локацијата помеѓу езерото и планината, што е еден посебен спој особено значаен за уметниците. Природата е воодушевувачка. Многу сум среќна што сум овде“, вели Далас Адвент, ументица од САД.
Свечениот почеток беше во знакот на хуманоста, се одржа аукција и добротворна акција за помош на настраданите во пожарот во Кочани.
Како дел од колонијата, по третпат ќе биде организирана и детската ликовна школа, а ќе творат и млади талентирани сликари.
„Десет уметтнци млади сликари кои имаат завршено Академија за ликовни уметности десет дена ќе работат во Вевчани заедно со нивните постари колеги ќе создаваат дела, ќе разменуваат ставови, ќе учат нови техники и начини на творење. И секако, како и секоја година, потоа сликите ќе бидат донирани за хуманитарни цели“, вели Ефимија Угриновска-Кукоска, организаторка.
Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања 2025“ е поддржана од Министерството за култура и туризам, а се одржува под мотото „Уметност. Солидарност. Заедништво“.
Во изминатите 14 години на овој културен настан учествувале повеќе од 200 афирмирани сликари од сите светски меридијани чија инспирација произлегла токму од духовноста и природната убавина на Вевчани. Делата создадени на колонијата биле изложени на бројни континенти, од европските културни центри како Софија, Белград и Подгорица до далечни изложбени простори во САД-Њујорк , Франција-Париз и Русија-Москва, претставувајќи ја уметноста како универзален јазик на поврзување меѓу луѓето и народите.
С. ВРЕНЦОВСКА