МОБ ЈА ВРАТИ НА РЕПЕРТОАР ОПЕРАТА „ХОФМАНОВИ ПРИКАЗНИ“

Скопје., (СМАРТ СДК.МК)

По повеќегодишна пауза, Македонската опера и балет (МОБ) на репертоарот ја врати операта „Хофманови приказни“ на Жак Офенбах, во режија на Уши Хорнер, која ќе се изведе вечерва во 20 часот.

Со оваа опера во 2013 година беа отворени Мајските оперски вечери и оттогаш, иако беше високо оценета од критиката и доби овации од публиката, само уште еднаш се изведе во Македонија.

Либретото на француски јазик е напишано од Жил Барбиер и е базирано на три кратки приказни напишани од Е. Т. А. Хофман. Како главен протагонист во операта е искористен Хофман лично.

„’Хофманови приказни’, која самата по себе плени со прекрасна музика, ги следи доживувањата на боемот Хофман, но плени и со впечатлив наративен спој на реални настани, завиени во научно-фантастичен контекст“, најавува МОБ.

Ќе диригира Андреа Черта (Италија), насловната улога ќе ја пее Рафаел Алварез од Мексико, а настапуваат и Николина Јаневска, Наде Талевска, Марија Наумовска, Дашира Ахмети-Крлиу, Андреа Ѕаупа (Италија) и Ернес Ибраимовски.

Сценографијата е на Марија Ветероска, костимите на Марија Пупучевска, а кореографијата на Хорнер и на Олга Панго.