„АЈРОН МЕЈДН“ НАЈАВИ СВЕТСКА ТУРНЕЈА ПО ПОВОД 50 ГОДИНИ ОД ОСНОВАЊЕТО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Легендите на хеви металот „Ајрон мејдн“ најавија нова светска турнеја, со која ќе се одбележат половина век од основањето на бендот. Турнејата насловена „Run For Your Lives“ ќе почне на 27 мај 2025 во Будимпешта и засега се потврдени 27 концерти во Европа.

Фановите ќе добијат специјален сет што ги опфаќа првите девет албуми, од „Iron Maiden“ до „Fear of the Dark“, што без сомнение е и најквалитетниот период во историјата на групата, што басистот Стив Харис ја основал во 1975.

„Следната година ќе биде посебна за ‘Ајрон мејдн‘. Ќе им дадеме на фановите искуство што се доживува еднаш во животот. Ако сте нѐ гледале досега, бидете подготвени за искуство на целосно ново ниво“, изјави фронтменот Брус Дикинсон.

Менаџерот Рон Смолвуд, кој вели дека е со бендот 46 од нивните 50 години, кажа дека „Ајрон мејдн“ досега продал над 100 милиони албуми и одржал речиси 2.500 концерти во 46 држави.