Познатата албанска оперска пејачка Инва Мула ќе гостува во Националната опера и балет на 28 ноември од 20 часот. Мула ќе настапи заедно со сопранот Дешира Амети-Крлиу, тенорот Исмет Весели и оркестарот на Операта.
„Под диригентската палка на Иван Еминовиќ и во режија на Дејан Прошев, публиката ќе има ретка можност да ужива во внимателно избрана програма која ги спојува бисерите на оперскиот репертоар“, велат од Операта.
Сопранот Инва Мула ја стекна интернационалната слава со култниот филм „Петтиот елемент“ на Лик Бесон, каде што го позајмува гласот на мистичната Дива. Таа има блескава меѓународна кариера и настапувала на најпрестижните сцени низ светот, толкувајќи ги главните улоги во врвните оперски дела.