„Парни ваљак“ го објави првиот студиски албум без Аки Рахимовски, „Велат пчелите умираат“ (Kažu pčele umiru), во периодот кога култниот хрватски поп-рок бенд слави 50 години постоење. Изданието е достапно на дигиталните платформи, а од денеска (25 ноември) може да се набави и на цеде и плоча, во издание на „Кроација рекордс“.
Ова е прв албум на „Парни ваљак“ со новиот пејач Игор Дрвенкар. Легендарниот Аки Рахимовски беше фронтмен на бендот од неговото основање во 1975 до 2022, кога почина.
Насловот на албумот е преземен од претходно објавениот сингл „Ќе пуштам глас“, што Хусеин Хасанефедиќ-Хус, кој е автор на сите песни, го опишува како одговор на времето во кое живееме.
„Понекогаш ми се чини дека не се сфаќа доволно сериозно сè што се случува, и локално и глобално и тоа е мој коментар за периодот во кој живееме. Но, не е целиот албум обоен со таа тематика“, вели Хасанефендиќ.
На албумот има 12 нови песни, напишани во последните три години.
„Во процесот на создавањето на албумот Аки многу ми беше во мислите. Кога ги слушав песните што требаше тој да ги пее или за кои постојат демо-снимки со него, бев во многу тешка состојба. Но, сигурно во сите песни има по некоја реченица што е наменета за него или има некаква врска со него“, вели Хасанефендиќ.

„Премалку време помина за Аки да исчезне од нашите мисли. Нема проба или концерт некој да не се сети на некоја шега со него“, додава Хус, опишувајќи го како пријател и брат со кој поминал 46 години од животот.
За новиот пејач Игор Дрвенкар вели дека со него почнува новото поглавје на бендот.
„Ни донесе страшно добра енергија и вибрација и заедно со него тргнавме во насоката од која произлезе и новиот албум. Неговите глас и енергија станаа дел од сегашниот идентитет на ‘Ваљак‘“, вели музичарот.