БОБ ГЕЛДОФ ЌЕ ОДБЕЛЕЖИ 40 ГОДИНИ „ЛАЈВ ЕЈД“ НА ФЕСТИВАЛОТ ЕГЗИТ ВО НОВИ САД

Белград, (Н1)

Ирскиот музичар и активист Боб Гелдоф ќе гостува на фестивалот Егзит во Нови Сад следната година, каде што ќе се одбележат 40 години од одржувањето на добротворниот концерт „Лајв ејд“ (Live Aid) за помош на гладните во Етиопија. Гелдоф, кој беше еден од организаторите на ова глобално движење, од Петроварадинската тврдина ќе испрати порака за силата на музиката, која инспирира, поврзува и го менува светот на подобро.

Концертите „Лајв ејд“ истовремено се одржаа на 13 јули 1985 на стадионите „Вембли“ во Лондон и „Џон Кенеди“ во Пенсилванија, а пееја најголемите музички ѕвезди на тоа време, како „Квин“, „Ју-Ту“, Дејвид Боуви, Пол Макартни, Елтон Џон, Брајан Фери, Стинг, Брајан Адамс, Мадона, „Симпл мајндс“, Фил Колинс и Ерик Клептон. Настанот спои 1,5 милијарди луѓе и беа собрани 127 милиони долари.

Гелдоф ќе го одбележи овој момент на Егзит точно 40 години подоцна, на 13 јули 2025.

Како почеток на одбележувањето на 40 години „Лајв ејд“, неодамна е објавен нов микс на песната „Do They Know It’s Christmas?” под името „Band Aid 40”, што обедини имиња како Џорџ Мајкл, Роби Вилијамс, Крис Мартин, Ед Ширан, Боно и Шинејд О‘Конор.

Покрај САД и Велика Британија, и во Југославија тогаш се одржа концерт за гладните во Африка. На 15 јуни 1985, на стадионот „Маракана“ во Белград настапија Здравко Чолиќ, Бајага, „Идоли“, Марина Перазиќ, Влатко Стефановски, Дадо Топиќ, Оливер Мандиќ и други.

(Фото: Гети)