Андријана Јаневска изненади со најголемиот хит на „Нирвана“, Викторија Лоба направи и одлична забава со песна од Рики Мартин, Наде Талевска и Ана Петановска како дует супер се вклопија во еден од најголемите хитови на Витни Хјустон, Огнен Димовски растури со „Продиџи“, а Јана Бурческа беше одлична со „Ганс ен роузис“.

Сите пејачи на концертот на Битолскиот камерен оркестар „Ѕвездена симфонија“ сношти (20 мај) во салата „Борис Трајковски“ во Скопје се дадоа себеси во Ем-Ти-Ви хитовите од 1980-тите и 1990-тите.

Битолскиот камерен оркестар претходно во Скопје одржа слични концерти, најмногу во Националната опера и балет, но овој беше највеселиот и највпечатлив, четири и полчасовна забава во која уживаа и оние кои растеле со златните времиња на Ем-Ти-Ви и оние кои не биле родени кога тие песни биле на врвот на топ-листите.

За пофалба е секогаш енергичната Јасна Димитровска, одличен настап имаше и Полина Тасева, како и младата ѕвезда Лара Иванова, а публиката со аплауз ги испрати Мила Николовска, уште една млада талентирана пејачка, Теодора Матеска и Кристина Жечкова.

Редовен на овие настапи е Горан Наумовски, кој имаше убав дует со Ана Петановска.

Концертот го збогатија поп-рок хорот „Битвокс“, светлечките ефекти и акробатите и маскотите кои се шетаа меѓу публиката. По паузата продолжи настапот на Ана Петановска и Наде Талевска, овојпат со гостинот од Германија, диџејот и продуцент Шилер, кој вторпат настапува со Битолскиот камерен оркестар.

„Ѕвездена симфонија“ со Шилер е успешно продолжение на концертот што минатата година се одржа на стадионот во Битола, а траеше седум и пол часа, со над 5.000 публика.


Организатор и диригент на сите уникатни концерти на оркестарот „IWConnect“ е Владимир Димовски.
М. ЏАРОВСКА