„ЧЕТИРИ СТРАНИ“, НОВА ПЕСНА НА АЛЕКСАНДАР МИТЕВСКИ И ДРАГАН СПАСОВ-ДАЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Четири страни“ е новата песна на дуото Александар и Дац, која продуцентот Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац ја снимија по две години пауза.

„Ова е динамична љубовна приказна, обоена со препознатливиот боемски звук, создадена заедно со поголема екипа на музичари и соработници. Иако официјалната премиера беше пред една недела, песната веќе живее меѓу публиката и веќе се пее на настапите ширум земјата“, велат Спасов и Митевски.

Александар Митевски додава дека песната долго време созревала, а во неа како музички гости се појавуваат трубачите од „Брастес Скопје“ и Трајче Ставревски од „Бузуки бенд“.

„Во овој проект се вклучија и младите талентирани продуценти Андреј Ник и Димитар Кроном, кои се погрижија за миксот и финалниот мастер. Видеото е комбинација од искуството на дуото и младешката енергија на главните актери Клара Кокев и Јанг Деди. Снимен на повеќе локации во Скопје, спотот ја прикажува врската помеѓу ретрото и модерното. Препознатлив детал во спотот е винтиџ моделот на ‘веспа’, која ги симболизира љубовта и патувањето на сите страни на светот“, вели Митевски.

Дуото најавува динамичен месец со промотивни настапи низ Македонија.