Забавен, духовит и непосреден со публиката, Сергеј Ќетковиќ одржа уште еден одличен концерт во Македонија, во Античкиот театар во Охрид сношти (3 август), по двата во Скопје во Филхармонијата во јуни.

Го следеа бенд и Битолскиот камерен оркестар, со кој диригираше Владимир Димовски. Пријателството и соработката на црногорскиот кантавтор со диригентот и оркестарот трае неколку години, откако заедно настапија во Битола на настанот „Поп симфонија“.
Најголемо изненадување за публиката беше „Лихнида кајче веслаше“, која Ќетковиќ ја испеа двапати, еднаш во дует со Ѓоко Танески и потоа со оркестарот на бис, со публиката како придружен хор. Танески се присети дека го знае Ќетковиќ од 2005, кога пеел на фестивал во Будва. Иако, како што рекоа двајцата пејачи, немале многу време за вежбање, народната охридска песна одлично ја отпеаја заедно.

„Има ли некој кој бил на концертите во Скопје? Тие што биле, напуштете го објектот“, се пошегува Ќетковиќ.
Потоа праша дали има луѓе кои веруваат во љубов на прв поглед. Девојката која крена рака Сергеј ја покани да танцува со својот партнер, додека тој ја пееше песната „Љубов“ (Љубав).
„Дали свадбата е блиску? Во април?“, ја праша Ќетковиќ младата двојка и низ насмевка кажа дека Битолскиот камерен оркестар ќе им свири.
Традиционално, тој се симна во првите редови, муабетеше и се сликаше со публиката, а цел Антички заедно со него го пееше хитот на Оливер Драгојевиќ, „Цесарица“.

Овојпат, немаше женски вокал за песната „Прстен на маса“ (Прстен на сто), која не ја испеа, но фановите двапати го вратија на бис. Прво ја испеа „Тајно моја“ од Тоше Проески, негова омилена, па акустично, само во придружба на гитара, отпеа уште еден негов хит.
„Откако пеам, сонувам да настапам во овој простор. Чувајте го Античкиот театар, чувајте го овој бисер, Охрид“, рече Сергеј Ќетковиќ и вети дека ќе дојде пак.
Концертот го организираше „Евентум“.
М. ЏАРОВСКА