Диригентот и композитор Џијан Емин ги направи оркестрациите и аранжманите за новогодишното шоу што се одржа во Дубаи под куполата на „Ал Васл Плаза“ во „Експо сити Дубаи“.
Ангажманот на Емин е уште една успешна соработка со продуцентот Мет Феди, кој живее и работи во Дубаи. Оркестрациите на Емин ги слушаше публиката на десетте распродадени празнични концерти во рамките на шоуто наречено „Carols by Candlelight“.
„Настанот се одржа на уникатната локација ‘Ал Васл Плаза’, каде што публиката беше окружена со импресивни божиќни проекции и сценски ефекти од 360 степени. Мултимедијалниот спектакл беше збогатен со празнично пеење, танцови точки и живописни сценски појавувањa. На сцената настапи симфонискиот оркестар ‘Фирдаус’ од Дубаи, со кој диригирише Харут Фазлиан, заедно со вокални солисти, училишни и детски хорови, танчарска група и ансамбл од музичари, кои свиреа познати празнични композиции“, велат од тимот на Џијан Емин.

„Со Мет Феди соработуваме веќе 12 години. Имаме работено на многу заеднички проекти, како музиката за најголемиот огномет во светски рамки во Дубаи, музиката за отворањето на највисоката зграда на светот ‘Бурџ калифа‘, проект со 8,000 дронови во Саудиска Арабија, националната химна на Обединетите Арапски Емирати и други“, ни рече Емин.
Продуцентот Мет Феди пред преселбата во Дубаи имал богато меѓународно искуство и работел со музички имиња од светски калибар како Ени Ленокс, Стинг, „Суперграс“ и други.
М. ЏАРОВСКА