ДОМАШНИ И СРПСКИ РАПЕРИ НАСТАПИЈА НА ТРЕТИОТ ФЕСТИВАЛ НА ХИП-ХОП МУЗИКА „ОД А ДО ШТИП“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На летната сцена на Домот на млади во Штип се одржа фестивалот на хип-хоп музика и урбани култури „Од А до Штип”. Настанот беше целодневна забава, започна во 13 часот и продолжи до доцна вечерта.

Настапија ЛД Пистолеро, Страјк, Гоце, Кртот и Аце КН од Скопје, С.А.М. од Тетово и гостите од Србија, Параноја и Аусландер од Ниш и Прти Бее Гее од Белград.

Фото: „Од А до Штип“

„Фестивалот спонтано се наметна како двигател на културата во Македонија, презентирајќи музика, храна, уметност и вистински вредности. Гордост ни е да кажеме дека на трите изданија на фестивалот имаат настапено преку 50 артисти од Македонија и Балканот. Афирмирајќи ја оваа култура, ‘Од А до Штип’ останува најголем рап фестивал во државата“, велат организаторите.