ДРАГО НИ Е ШТО ПО ДОЛГО ВРЕМЕ СВИРИМЕ ВО ФИЛХАРМОНИЈАТА И СО ЉУБОВНА ПЕСНА Ѝ ГО ЧЕСТИТАМЕ ЈУБИЛЕЈОТ, РЕЧЕ ДИРИГЕНТОТ НА ЏЕЗЕРИТЕ ЏИЈАН ЕМИН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Националниот џез оркестар го одржа својот најдобар концерт досега, сношти (30 ноември) по подолго време повторно во салата на Филхармонијата. Убаво избрани рок и поп хитови слушавме на настанот „Golden Rock Swings“, кој беше полн и со долги аплаузи. По четири хита испеаја Светлана Јовановска, Џон Илија Апелгрен, Бранислав Николов („Фолтин“) и Дејан Бобиќ-Дексо.

„Драго ни е што по подолго време повторно свириме во салата на Македонската филхармонија. Неодамна се одржа славенички концерт со наслов ‘80 години љубов‘. И ние се придружуваме кон честитките за јубилејот со оваа љубовна песна“, рече диригентот Џијан Емин за песната „Crazy Little Thing Called Love“ од „Квин“, која претходно ја најави како песна за љубовта и за лудилото.

Единствена дама на концертот беше Светлана Јовановска (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Познат по својот оригинален хумор, Емин рече дека Курт Кобејн сигурно би се налутил кога би можел да ја слушне нивната верзија на „Smells Like Teen Spirit“.

„А, кој знае, можеби и нѐ слуша од горе и му се допаѓа нашата верзија“, рече тој.

Претходно најави дека сите песни се завиткани во нова музичка обвивка, поинаква од оргиналната, а публиката ќе ги познае по вокалната линија. И беше вистинска привилегија да се слушнат „Hello“ од Лајонел Ричи во џез варијанта со топлиот глас на Бранислав Николов, „Just a Gigolo“ со шармот на Дејан Бобиќ-Дексо или „Wonderwall“ од „Оејзис“ од еден толку убав женски вокал како Светлана Јовановска. Соработката на џезерите со Апелгрен е веќе проверена добитна комбинација, а меѓу другите песни кои како да се за него напишани, тој ја испеа и „You Are the Sunshine of My Life“ од Стиви Вондер. 

Пред секоја песна, Емин раскажуваше интересна приказна за нивната историја, забавна музичка лекција што ја смееше публиката. Сите аранжмани се купени од Пол Енка.

М. ЏАРОВСКА