ДУОТО „ШЕКСПИРС СИСТЕР“ СЕ ПОМИРИ ПО 26 ГОДИНИ И ОБЈАВИ НОВ СИНГЛ

Лондон, (Гардијан)

Двете членки на „Шекспирс систер“, поп дуото кое произлезе од женскиот бенд „Бананарама“, се помирија по повеќе од 25 години и заедно се вратија на музичката сцена со новиот сингл насловен „Сите коњи на кралицата“.

Шиобан Фејхи и Марсела Детроит објавија два успешни албуми и имаа неколку големи хита меѓу 1989 и 1992 година, за потоа нагло да ја раскинат соработката пред 26 години и оттогаш не ни комуницираа меѓусебе. Тие велат дека ги имаат оставено разликите и недоразбирањата зад себе и најавија турнеја и две нови песни во рамките на компилација со најголемите хитови.

Отсекогаш сум намеравала да се смирам со Марсела, само што тоа се одолжи подолго отколку што мислев. Мило ми е што сега тоа е готово. Животот се сведува на учење, љубов, простување и креативност, а клучот е во комуникацијата“, вели Фејхи.

Таа го почна „Шекспирс систер“ како соло-проект по излегувањето од хит групата „Бананарама“, а потоа ѝ се придружи Американката Детроит. Нивниот најголем хит „Остани“ се задржа осум недели по ред на врвот на британската топ-листа, но само една година подоцна се скараа.