Македонскиот народен театар (МНТ) освои две награди на 28. Меѓународен театарски фестивал „Денови на комедија“ во Куманово.
Гран при за најдобра претстава доби „Бог на колежот“, а за најдобар актер во истата претстава Ѓорѓи Јолевски.
Претставата е копродукциски проект работен според текст на Јасмина Реза, во адаптација и режија на Весна Петрушевска. Во претставата играат: Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Наталија Теодосиева, како и децата од актерската школа на Петрушевска.
За наградите гласаше жирито во состав: Александар Ивановски- претседател, и членовите Дубравка Киселички, Петар Андоновски, Гергана Трајкова и Стефан Јакимовски.
„Ова признание за Јолевски, првенец на ансамблот на МНТ, е резултат на неговата исклучителна интерпретација и актерска зрелост, кои успешно го обликуваат сложениот лик и ја доловуваат драматичната напнатост зад хуморот на текстот. Во повеќедецениската кариера исполнета со значајни улоги во театарот, филмот и телевизијата, Јолевски уште еднаш покажа зошто важи за еден од најпочитуваните и највлијателните актери во земјата“, велат од МНТ.
Фестивалот ѝ го додели признанието „Лауреат“ на актерката и режисерка Весна Петрушевска, за нејзиниот исклучителен придонес во развојот на македонската комедија.