Македонија се најде на мапата на светската турнеја на фестивалот Егзит, кој следната година нема да се одржи на својата традиционална локација во Нови Сад, туку во нов формат во повеќе држави. Првата станица ќе биде Умаг во Хрватска, а Егзит ќе дојде во Македонија во јуни.
„Јуни започнува со фестивалот во Македонија, додека август носи фестивалска авантура на повеќе атрактивни локации на Малта“, најавија организаторите.
Во октомври, Егзит се сели во Египет, а во ноември ќе има два фестивала, во Индија и во Белград.
„За публиката во Србија Егзит подготви нешто посебно зашто омилениот техно фестивал ‘No Sleep‘ ќе прерасне во една од најголемите журки во Европа“, кажаа организаторите.
Во јуни беше објавено дека годинашното издание на Егзит ќе биде последно што се одржува во Србија. Организаторите тогаш потсетија дека фестивалот настанал пред 25 години како студентско движење за мир и слобода во Србија и на Балканот и не сакаат тој веќе да се одржува во Србија во која се задушува слободата на говорот. Тие кажаа дека фестивал од вакви размери не може да се организира во домашните економски рамки без поддршка од државата.
„Наспроти обидите за згаснување на Егзит, ние одлучивме да се прошириме. По 25 години на Петроварадинската тврдина, започнуваме ново поглавје со создавање нови фестивали ширум светот“, изјави основачот и директор на Егзит, Душан Ковачевиќ.
(Фото: Н1)