Фестивалот Денови на македонска музика по 48. пат ќе се одржува од 29 септември до 16 октомври во Филхармонијата, Националната опера и балет и во Музејот на македонската борба, објави Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ). Куратор на годинашното издание е композиторот Филип Иванов.
„На десет концерти ќе бидат претставени дела од повеќе од 30 македонски автори. Ќе настапат седум ансамбли и камерни состави и повеќе од 30 солисти, а свеченото затворање на фестивалот со оркестарот на Филхармонијата ќе биде во знакот на одбележувањето на големи авторски јубилеи“, велат од СОКОМ.
Во фокусот на годинашното издание ќе биде одбележувањето на јубилеите на композиторите Властимир Николовски (100 години од раѓањето), Стефан Гајдов (120 години од раѓањето) и Кирил Македонски (100 години од раѓањето).
Меѓу ансамблите и уметниците во програмата се Фестивалскиот камерен оркестар со кој диригира Иван Еминовиќ, Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија под диригентство на Ангел Спироски, гудачкиот квартет „Атака“, Македонската филхармонија со маестро Борјан Цанев, дувачкиот квинтет „Филхармоник 5“, дувачкиот квартет на ансамблот „Консонанс“ и пијано триото „Астниде“ од Германија. Ќе се свират и дела на млади композитори и студенти по музика.
Автор на графичкото решение за 48. Денови на македонска музика е Владимир Лукаш. Влезот на сите настани е слободен.