Десеттото издание на фестивалот на нова музика „Здраво млади“ е закажано за 27 август, во Паркот на Младинскиот културен центар ( МКЦ).

Организаторот најавува дека програмата ќе затвори со настапот на „ПМГ Колектив“, а најавено е дека ќе се отвори изложбата „25-тата слика – Неслушнатото, невиденото и незбореното“ на Сали Ертунч, како и настапот на Ирецот – Диџеј Фиц.

„Досега беа најавени: данските легенди на инди-рок сцената ‘Ефтеркланг’, свежата психоделија од Истанбул ‘Лалалар’, неверојатните „Виагра Бојс’ од Шведска и домашните ‘Фанк шуи’“, велат од МКЦ.

Билетите по цена од 500 денари се достапни онлајн преку bileti.mkc.mk. Фестивалот, велат од МКЦ,  ќе се одржи под посебни безбедносни и здравствени мерки, дефинирани во протоколот за организација на јавни настани.