„24 илјади бакнежи“ е насловен традиционалниот концерт на Филхармонијата во чест на Денот на вљубените, што ќе се одржи в сабота од 20 часот. На програмата се безвременски љубовни песни, а концертот ќе го води маестра Дијана Имери-Илкоска, една од најнадежните македонски диригентки.

Насловот на концертот е извлечен од италијанската песна „24.000 baci“. Таа премиерно беше изведена на фестивалот Сан Ремо од Адријано Челентано и Литл Тони и го освои второто место. Се смета за прва рокенрол песна која влегла во конкуренција за наградата, воедно и за композиција која ја портретира младината во времето на сексуалната револуција.

Покрај хорот, како солисти ќе настапат нашиот тенор со интернационална кариера Благој Нацоски, кој специјално за концертот доаѓа од Италија и Светлана Јовановска. Во рамките на концертот ќе има и балетска точка во изведба на Кала Каревски, во кореографија на Саша Ефтимов.