ФИНСКИОТ ХАРМОНИКАШ КИМО ПОХЈОНЕН И ПОРТУГАЛСКАТА ПЕЈАЧКА МАРИЈА ЖОАО НА ВТОРАТА ВЕЧЕР НА 24. ОФФ-ФЕСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Финскиот виртуоз на хармоника Кимо Похјонен ја отвора втората вечер на 24. Офф-фест, а концертот ќе се одржи во Националната опера и балет од 20 часот.

„Похјонен е еден од ретките уметници кои создале нов и независен жанр. Низ долгата и плодна кариера се впуштил во проекти кои можат да се дефинираат како рок, фолк, авангарда, импровизација и класична музика, покрај театарски и танцови перформанси. Оригиналните и екстремни композиции, аудиодеталите и анимираниот настап на сцена се главните причини зошто Похјонен е на светската мапа“, се вели во најавата на концертот.

Од 22 часот настапува една од најголемите ѕвезди на годинашниот Офф-фест, португалската пејачка Марија Жоао со нејзиниот бенд. Таа неодамна издаде нов албум, со кој прослави 40 години кариера.

Марија Жоао е едно од најзначајните имиња на португалскиот џез, но во нејзината музика има елементи и на фолк, електроника и авангардна музика.