Финскиот музичар и композитор Кари Јокелаинен ја преработи песната „Врати ми го сонцето“, со која поп-пејачката Александра Јанева победи на Макфест во 2013. Автор на хитот на Јанева е Ристо Самарџиев, кој вели дека се изненадил кога му стасал мејл од група фински музичари кои му побарале дозвола да ја преработат песната.
„Не знам како дошле до мојата адреса, се зачудив и пријатно се изненадив. Уште помило ми беше кога ми рекоа дека ја слушнале песната ‘Врати ми го сонцето’. Ми побараа дозвола да ја преработат и ме прашаа како да се регулираат авторските права. Им реков: ‘Не треба ништо, слободно преработете ја, важно е да се пее песната‘“, ни рече Самарџиев.

Кантавторот вели дека немало толку да се изненади ако го исконтактирале музичари од Србија, Хрватска или некоја друга блиска земја. Но, уште помило и поинтересно му е што песната ќе се пее на фински јазик.
„Нам овој јазик не ни е близок, како што и на нив им е туѓ македонскиот јазик. И токму таа чудна спојка ми е најинтересна“, додава Самарџиев.
Тој беше дел од авторите на годинашниот Фолк фест Валандово.
„Ова е уште една интересна случајност. Пред да ви го раскажувам ова, се сретнав со Вјекослава Бах, пејачка и менаџерка која живее во Хрватска, а е со македонски потекло. Пред многу години таа ја преработи мојата песна ‘Таму кај што си‘“, вели Самарџиев.

Александра Јанева (30) е од Струмица и важи за еден од најдобрите женски поп-вокали во Македонија, иако не снима авторски песни често. По професија е стоматолог. Јанева е двоен победник на Макфест, со песната „Врати ми го сонцето“ во 2013 и со „За сто години“ во 2016, чии автори се Самарџиев и Владимир Дојчиновски-Дојчин. Има настапувано на Василичарските концерти во Операта и на интернационални фестивали и одржа два солистички концерта во родната Струмица. Во 2019 ѝ беше придружен вокал на Тамара Тодевска на Евровизија во Израел на песната „Горда“ (Proud).
М. ЏАРОВСКА