„ФОЛТИН“ ЌЕ СЛАВИ 30 ГОДИНИ РАБОТА СО КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ НА 22 НОЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Битолската група „Фолтин“ ќе одржи концерт во Скопје на 22 ноември, во Филхармонијата од 20 часот, објави бендот на социјалните мрежи.

„Фолтин“ се основани во 1995 и овој концерт е прослава на нивната 30-годишна работа. Познати се по миксот на традиционална музика, електроника, рок и елементи на кабаре и перформанс и имаат снимено десетина албуми и музика за бројни театарски претстави и филмови, како „Плати и жени“, „Исцелител“, „Медена земја“ и други.

„На оваа специјална вечер, за првпат во Филхармонијата, ќе бидат изведени и композиции од нивниот богат опус кои не се изведуваат често во живо“, велат од тимот на „Фолтин“.

Билетите се продаваат преку мрежата на karti.com.mk.