ХОРОТ „ДРАГАН ШУПЛЕВСКИ“ ИЗВЕДЕ ДЕЛА ОД МАКЕДОНСКИ КОМПОЗИТОРИ НА ФЕСТИВАЛОТ НА УНИВЕРЗИТЕТСКИ ХОРОВИ ВО ПОЛСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хорот „Драган Шуплевски“ при Факултетот за музичка уметност во Скопје учествуваше на меѓународниот фестивал „Университас Кантат“, форум на најдобрите универзитетски хорови во светот, кој се одржува во Полска.

„Ова беше трета покана за учество на хорот, што претставува големо признание за неговата долгогодишна работа и квалитет. Првиот концерт на хорот се одржа во полскиот град Калиш, во катедралата ‘Свети Никола’. По концертот, домаќините организираа прием за ансамблот, при што членовите на хорот имаа можност да ја видат фреската со Кирил и Методиј. Вториот настап беше во концертната сала на Универзитетот ‘Адам Мицкијевич’ во Познањ, каде што публиката со долги аплаузи ја награди изведбата на композиции од Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Драган Шуплевски, Кирил Македонски и Александар Лековски. Програмата ја избра маестро Сашо Татарчевски“, велат од ФМУ.

Покрај концертите, тие учествувале и на работилници, како и во заедничка изведба на композицијата „Он-Оф“ од композиторката Зузана Фалковска, создадена специјално за фестивалот.