И КОРОНА ДА Е, ОД ШЕРБЕЏИЈА ДА Е, РЕЧЕ АКТЕРОТ ПЕПИ МИРЧЕВСКИ ПРЕД КОНЦЕРТОТ НА ХРВАТСКИОТ АКТЕР ВО БИТОЛА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Раде Шербеџија заедно со бендот „Западни колодвор“ на 24 јануари ќе одржи концерт во Центарот за култура во Битола од 20 часот. Ден претходно, хрватскиот актер со холивудска кариера ќе одржи концерт во Филхармонијата на Скопје.

На денешната прес-конференција, концертите беа најавени како уметнички спектакли каде се преплетуваат поезијата, музиката, актерството и емоциите. Воедно публиката ќе има можност премиерно да ја слушне и песната „Кога љубовта умира“.

„Ексклузивно во Битола и Скопје ќе биде изведена првпат во живо оваа песна, за која во моментов се снима и спот“, рече Владимир Мандичевски-Манде од „Баги комуникации“.

На прес-конференцијата беше и познатиот битолски актер и голем пријател на Шербеџија, Петар Мирчевски, со кого заедно имаат играно во многу филмови.

„Ќе споделам една анегдота. Кога Шербеџија го имаше претходниот концерт во Битола, се сретнавме со него со мојот син Филип. Раде ми рече: ’Пепица, така ме вика поради висината, нешто сум изнемоштен, дали вчера испив нешто повеќе виски или друго е проблем’ За 2-3 дена ми се јави тогашната директорка на Центарот за култура и ми рече дека Раде има ковид. За некој ден и ние бевме позитивни. Син ми вели: ‘Ај, закачивме корона од Раде’. А, јас му одговорив ‘и корона да е, од Шербеџија да е‘’’, рече Мирчевски и додаде дека тој е неговиот актерски идол.

Директорот на Центарот за култура Сашо Илковски рече дека картите за концертот во Битола се веќе во продажба и чинат 800 денари.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Фото: Директорот на Центарот за култура во Битола Сашо Илковски со менаџерот Владимир Мандичевски-Манде и актерот Пепи Мирчевски