„Има ли пилот во песната“ е новата песна на „Нокаут“, за која бендот сними анимиран спот изработен со вештачка интелигенција.
„Инспирацијата за ‘Има ли пилот во песната’ се роди сосема спонтано, по еден разговор со мојот пријател, научникот Никола Стиков, за вештачката интелигенција, што може машината, што може човекот и што можат заедно да создадат кога ќе се сретнат во истата креативна точка, било тоа да е музика, уметност или инспирација за универзумот како пример. Разговорот се случи во рамките на проектот ‘Наука за деца’, на кој Никола ме покани да бидам дел од музичка работилница. каде заедно ја истражувавме линијата меѓу човечката креативност и можностите на машината. Токму во тој момент, низ заедничка инспирација, се роди и песната. Никола ми раскажа дека во авион 90 проценти од времето управува автопилотот, а пилотот се активира само при полетување и слетување“, вели фронтменот на групата Никола Перевски-Пере.
Перевски вели дека иако одамна го знаел тоа, никогаш не размислувал од таа перспектива и му се допаднала таа метафора.
„Колку често и ние уметниците дозволуваме инспирацијата да нè носи на автопилот, сè додека не дојде моментот кога мора да ‘слетаме’ во нешто човечко и вистинско. Оттаму и идејата за песната и за видеото кое низ визуелна и анимирана игра ја раскажува токму таа мисла, дека секоја песна на крајот сепак ја управува човекот“, додава Перевски.
Музиката и текстот за песната ги напиша Перевски заедно со Никола Стиков, а аранжманот го работеше Пере со Дарко Димитров. Песната е продуцирана во „НК продукција“.
М. ЏАРОВСКА