ИМАВМЕ БОГАТА ПОНУДА ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ НА „СМИТС“ И СВЕТСКА ТУРНЕЈА ВО 2025, ВЕЛИ МОРИСИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Мориси откри дека неговиот поранешен колега Џони Мар игнорирал богата понуда за обединување на „Смитс“ и светска турнеја во 2025.

„Јас реков ‘да‘ на понудата од ‘АЕГ ентертејнмент груп‘, но Мар ја игнорираше“, кажа Мориси.

Мар не одговори на овие коментари, но ја отфрли идејата дека „Смитс“ би требало да се реоформи откако тоа го направи „Оејзис“.

Иако постоеше само пет години, од 1982 до 1987, „Смитс“ важи за еден од највлијателните британски бендови на своето време. Мориси и Мар имаат проблематичен однос уште откако гитаристот ја напушти групата неколку недели пред излегувањето на нејзиниот последен албум во 1987, обвинувајќи го фронтменот дека не е флексибилен. На Мориси притоа му пречело што Мар свири и со други групи.

Нивниот спор само се продлабочи во изминатите години, што се должи и на различните политички ставови, при што Мар никогаш не му прости на Мориси што го поддржуваше излегувањето на Велика Британија од ЕУ.

По распадот на „Смитс“, Мориси објави 13 соло албуми, додека Мар имаше неколку свои бендови и соработуваше со бројни музичари. Басистот Енди Рурк почина лани на 59 години.

(Фото: Гети)