ИСПЕАВ ИСКРЕНА ПЕСНА ЗА СИТЕ КОИ ЗАМИНАА ОД ДОМА, ВЕЛИ БОЈАНА СКЕНДЕРОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачката Бојана Скендеровски ја промовираше новата песна „Дома“, за која вели дека ѝ ја должела на својата публика.

„Ова за мене е искрена песна, која сметав дека ѝ ја должам на мојата публика. Сите сме свесни дека многу луѓе заминаа од домa, како што велам во песната. Некои нови патишта, велат за подобро е, но душа не се лекува во туѓина“, ни рече Бојана Скендеровски.

„Дома“ е првата песна од новиот албум кој таа го работи со продуцентот Николче Мицевски и наскоро треба да се промовира. Мицевски е автор на музиката и на аранжманот за песната, а Бојана заедно со раперот Таско го напиша текстот.

„Песната им ја посветувам на сите оние кои заминаа, но и на сите нас кои останавме дома, но ги мислиме, ама сите заедно ја носиме Македонија во душа, зашто каде и да си, колку и да е блескаво надвор, никогаш нема да е како дома“, ни рече поп-пејачката.

Таа и „Скендеровски продукција“, кои се продуценти и на спотот за „Дома“, најавуваат продолжение на проектот „Македонијо, во срце те носиме“, кој започна пред две години. Бојана и нејзини колеги од поп и фолк музиката преработија неколку познати народни песни и во декември одржаа концерт со симфониски оркестар во Филхармонијата.

М. ЏАРОВСКА