ИЗЛОЖБА НА СТРИП ЦРТЕЖИ ОД КОНДОВСКИ ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложба на стрип цртежи со мотиви од македонски бајки, насловена „Македонските бајки во светогледот на Димитар Кондовски“. Изложени се 82 илустрации на Кондовски, сопственост на фамилијата. Илустрациите работени во темпера се за детската едиција на прикаски, издадена од „Детска радост“ во 1980-тите. Бајките се петто јазично издание на македонски, српско-хрватски, словенечки, албански и унгарски. Идејата била бајките да бидат достапни на територијата на целата држава, на поширока читателска публика.

„Илустрациите се за изданијата на ‘Детска радост‘ од 1986 година. Тоа се бајки работени и запишани од Цепенков, но и сочувани од народот. Изданието доживеало голем успех во 1992, па библиотеката ‘Росица‘ направи реиздание на овие бајки. Со тоа што тоа биле џиновски сликовници, со огромен формат. Оттогаш, овие илустрации не се реиздадени. Во нив македонскиот бит е претставен до најситен детал. Изложбата е извонреден албум, а Кондовски го гледаме во најдоброто издание. Имаме богата палета на бои, импресивни цртежи, флора, животни, етнологија“, кажа промоторката Јасминка Намичева, која, заедно со Филип Кондовски, синот на Димитар, е авторка на изложбата.

Кондовски (1927-1993) ги илустрирал бајките „Марко и самовилата“, „Самовилското коњче“, „Квачката и дванаесетте пилиња“, „Немата морска царица“, „Детето без страв“ и „Светската убавица“, а во втората едиција прикаските „Детето без страв“, „Сиљан штркот“ и „Детето со крилесто коњче“. Илустрациите на Кондовски се инспирирани од приказните на Цепенков, Шапкарев и други народни раскажувачи.

Изложени се 72 оригинали и десет копии, бидејќи десетте цртежи од „Детето без страв“ таинствено исчезнале во 1986 во печатницатга „Гоце Делчев“, каде што е печатено изданието.

Кондовски по војната започнал да работи во издавачката куќа „Култура“, цртајќи илустрации не само за детска литература и лектира, туку и за книги.

П. ПЕЧКОВ