„Ју-Ту“ и официјално потврдија дека се вратиле во студио за да работат на својот прв нов албум по осум години пауза. Ирскиот бенд беше на продолжен одмор за да може тапанарот Лари Мјулен да заздрави од операција на вратот, а на серијата концерти во Лас Вегас го менуваше холандскиот музичар Бран фан ден Берг.
На доделувањето на наградите „Ајвор Новело“ во Лондон, фронтменот Боно многу енергично збореше за процесот на правење на новиот албум што се одвива во моментов.
„Само ние четворица сме во соба, обидувајќи се да напишеме нова песна. Има хемија. Ја имаме уште од 17 години. Ја имавме и низ годините, но понекогаш се губи, особено поради начинот на кој музиката се склопува овие денови. Дојдовме до моментот кога само бас, тапани, гитара и гласен пејач звучат како оригинална идеја. Тоа е местото каде што сме во 2025 година“, кажа Боно.
Додека влегува во својата петта деценија, „Ју-Ту“ е подготвен повторно да аплицира за работата „најдобар бенд на светот“, како што славно кажаа во 2001. Пред една година, Боно изрази желба да сними „бучен, бескомпромисен, неразумен гитарски албум“, истакнувајќи го „Еј-Си/Ди-Си“ како влијание.
„Она за што најмногу сме заинтересирани сега е звукот на иднината. Тој сѐ уште не постои и на нас е да го направиме и сега имаме шанса за тоа“, кажа Боно.
Почнувајќи од 1980, „Ју-Ту“ досега има објавено 15 студиски албуми, кои се продадени во 150-170 милиони примероци.
(Фото: Фејсбук)