Составот „Кафе де Анатолија“ потпиша глобален договор со „Сони мјузик паблишинг“ за нивните музички изданија.
„Ова е значаен момент не само за брендот, туку и за целата музичка сцена во Македонија и Источна Европа, поставувајќи нови стандарди за глобален успех“, велат од „Кафе де Анатолија“.
„Сони мјузик МЕНА“ ја потврди соработката преку своите официјални канали на социјални медиуми, објавувајќи ја пораката „Добредојдовте дома“. МЕНА означува Среден Исток и Северна Африка, што дополнително ја нагласува влијателната позиција на македонскиот состав на пазарите од Блиски Исток, каде нивната музика е особено присутна.
Издавачката куќа „Кафе де Анатолија“ е основана од Моника Илиева, Никола Илиев (Nickarth/Rialians On Earth) и Зоран Илиев (Billy Esteban) од Виничко, кои создаваат органик хаус музика со етно елементи.
„Хаус музиката со етно елементи од различни култури од целиот свет станува тренд во музичката индустрија, а ние сме едни од главните промотори и носители на сцената, со музички каталог од 6.000 траки и спектар од над 4.000 диџеи“, ни рече Илиева претходно.
Во првите три години работа, „Кафе де Анатолија“ издаде повеќе од 300 изданија и менаџираше над 250 музичари. Сега се меѓународно признати музичари за чилаут, органик хаус, лаунџ, прогресив хаус, дип хаус и електронска музика. Настапуваат насекаде низ светот, а најчесто во арапските земји.
М. ЏАРОВСКА