Со концертот „Кинематика“, музичарот Дуке Бојаџиев нѐ наврати на убавата музика која ја правел за неколку филмови. Колку што уживаше публиката на сцената, толку и тој на сцената.
Убавината кај Бојаџиев е тоа што освен што раскажува приказни низ музиката, тој раскажува и на сцената. Секој важен момент од својот живот свежо го памети и знае да го долови, па пред секоја нова песна, имаше и приказна за моментот кога ја напишал, за градот во кој во тој момент местото во кое во тој момент живеел како Њујорк, Париз и Ибица, и за филмскиот режисер со кој соработувал.
„Песната ‘Дом’ ја свирам често на моите концерти, а се најде во филмот ‘Војната заврши’ на Митко Панов. Митко дојде во Њујорк кога живеев таму и кај мене дома ми пушти две готови парчиња. Кога ги гледав слушнав моја музика во позадина. Соработниците на Митко ја искористиле незнаејќи, а ниту Митко знаел дека е моја и тоа беше знак дека треба да остане во филмот“, рече Бојаџиев.
Со музиката од филмот „Одење пеш“ на режисерката Тамара Котевска почна концертот, а Бојаџиев се сети како се запознале во Њујорк кога Котевска го режираше „Медена земја“, веднаш „кликнале“ и оттогаш се дружат и убаво соработуваат. Котевска беше дел од гостите во публиката, како и Панов.
„Имав околу 10 години кога во кино за првпат го гледав ‘Беше еднаш во Америка’. Бев многу возбуден и фасциниран и оттогаш е мојата љубов кон филмската музика. Знам дека утредента отидов и го следев филмот уште еднаш, со затворени очи. Ја слушав само музиката. Потоа студирав медицина, и мислев дека ќе живеам во Скопје и ќе бидам доктор, една класична приказна. Подоцна почнав сериозно да се занимавам со музика. Пред точно 30 години си го купив мојот прв синтизајзер“, рече Бојаџиев. За колешката Марија Димитријевиќ која свиреше виола во камерниот оркестар и испеа една песна, кажа дека го научила да пее пред 30 години. Подоцна, и самиот запеал опера во една од неговите филмски теми. За Мартин Ѓаконовски на контрабас и за Павел Ренџов на тапани и перкусии рече дека како помлад доаѓал на нивните настапи и поради нив ја засакал џез музиката. Вокално, концертот го збогатија сопранот Злата Тошевска Димовска, и нејзиниоот сопруг, баритонот Марко Димовски. Прва виолина свиреше Михајло Михајловски, втора Милена Тодороска- Мургоски, а Енис Аљи виолончело.
Бојаџиев се сети и на починатиот српски глумец Небојша Глоговац, главната улога во филмот „Устав на Република Хрватска“ нарекувајќи го еден од најдобрите актери на овие простори и кажа колку му е чест што со режисерот Рајко Грлиќ соработувал на два филма.
За крај, рече дека „До Балчак“ на Столе Попов е „филмиште“ и негова среќа е што песната „Танго до балчак“ станала евергрин. „Кога ја гледав проекцијата на филмот, Столе ме праша дали ќе можам да се носам со неговата приказна. Му реков дека можам и имав среќа да работам со режисери како него“, рече Бојаџиев.
Песната „Дом“ ја повтори на бис. Претходно рече дека нема поголема инспирација од домот, а песната, тој ја напишал, кога неговиот татко, познатиот композитор и лекар Тодор Бојаџиев се разболел и починал, и сите негови емоции ги пренел во неа. Музичарот кажа и дека не видел толку многу таленти на една единица простор како во Македонија. Најави и дека отсега ќе прави концерти само со филмска музика.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К.ПОПОВ