КАЛИОПИ СО АКУСТИЧЕН КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ НА 14 НОЕМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Калиопи ќе одржи акустичен концерт на 14 ноември во Филхармонијата, соопшти организаторот „Прагма продукција“. Калиопи на 19 октомври одржа концерт во полната арена „Борис Трајковски“ во Скопје, а новиот концерт се најавува како анплагд верзија и „100% во живо“.

„Настанот е замислен како интимно и длабоко музичко искуство, целосно фокусирано на уметноста, зборот и емоцијата што Калиопи ја носи со секој здив. Публиката ќе има ретка можност да ги слушне нејзините најголеми хитови и евергрини преработени во акустични верзии, со нов аранжман и автентична звучна естетика. Секоја нота, секој стих, секој молк ќе има своја тежина. Со поддршка од нејзиниот бенд составен од врвни музичари и со внимателно изграден аранжман, концертот ќе биде уникатно уметничко доживување“, велат од „Прагма“.

Картите се пуштени во продажба преку продажната мрежа на www.kupikarta.com, во „Розе Веро 2„, „ЈК травел“ во ТЦ „Бисер“ и „ЈК травел“ во „ Дајмонд мол“.

Фото: Ѓ. Личовски