КАЛИОПИ ВО БЕЛГРАД ЈА ПРОМОВИРАШЕ НОВАТА ПЕСНА ОД РОМЕО ГРИЛ, „ДОБРОВЕЧЕР И ЛЕКА НОЌ“

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

„Добровечер и лека ноќ“ е новата песна на Калиопи која ја промовираше во Белград.  Автор на музиката, текстот, аранжманот и продукцијата е Ромео Грил, постојаниот соработник на Калиопи.

Песната која е снимена на српски јазик е достапна на сите дигитални платформи. Видеото го изработи Александар Ристовски-Принц.

Грил и Калиопи лани прославија 40 години соработка со промоција на новиот албум наречен „Албум“ и со концерт во салата „Борис Трајковски“ кој се одржа на 19 октомври на кој гостуваше и Грил.

„Снимивме еден релаксирачки албум во кој луѓето ќе уживаат, но и ќе ги тера на некои длабоки размислувања, a претежно се забавувавме. Студиски не сме работеле заедно 10 години, од албуот ‘Мелем’. Јас сум сега побрлива, Ромео е потолерантерн, јас како да си ја живеам втората младост“, ни рече Калиопи лани на промоцијата на албумот. Таа ќе одржи 3 акустични концерти на 14 ноември, на 6 и на 7 декември во Филхармонијата во организација на „Прагма“, а во план е и четврти.

 

Фото: М. Шишковски